На платото во ТЦ Лептокарија, во Општина Карпош, вчеравечер беше отворено 39 – то издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, чиј организатор и домаќин е Ансамблот за народни песни и ора при АКУД “Мирче Ацев”, а еден од покровителите е и Општина Карпош.

 

Одличните изведби на младите играорци од домашните ансамбли, како и од културно уметничките друштва од Србија, Хрватска, Турција и Кипар направија пријатната атмосфера и позитивната енергија кај присутните граѓани. На почетокот на културниот настан се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој ги поздрави учесниците и посака успешен фестивал.

 

–                   Токму овие настани придонесуваат за размена на искуства и презентација на различните култури. АКУД “Мирче Ацев” потекнува од нашата општина и во континуитет го афирмира македонскиот фолклор: народната носија, инструментите и мелосот.

Локалната самоуправа и во претстојниот период ќе поддржува ваков вид на настани, со што дополнително ќе се збогати културниот живот во Карпош, рече Богоев.

 

Овој фестивал се организира како резултат на солидарноста која голем број на земји ја покажале при обновата на Град Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Токму Карпош е пример на Општина која е возобновена од хуманоста на голем број светски метрополи.