ОСНОВЦИТЕ ОД КАРПОШ ГРАДАТ МУЛТИКУЛТУРНИ МОСТОВИ
- декември 17, 2021
- 0
Три партнер училишта, ООУ „Лазо Трповски“, ООУ „Аврам Писевски “ (од општина Карпош) и ООУ „Лириа“ (од општина Чаир), поддржани од организацијата „Младински центар за еднакви можности“, се обединија во реализација на активностите во рамки на проектот „Step Forward Together“, како дел од фондот „Градиме мостови“ -“Building Bridges Fund”. Истиот ги поддржува заедничките активности во училиштата со ученици, кои припаѓаат на различни културни заедници и различни јазици, со цел да се зголеми интеракцијата, меѓусебното разбирање и интеграцијата во училишната средина.
Фондот „Градиме мостови“ е заеднички проект кој го започнаа Министерството за образование и наука, Владата на Швајцарија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој понатаму беше поддржан и од Владите на Ирска и Австрија. Сега, активни поддржувачи на Фондот се Амбасадата на Кралството Холандија, како и Владите на Соединетите Амеркански Држави, Италија, Словачка и Луксембург, покрај Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Од 2018 година, во работата на Фондот се вклучи и Министерството за труд и социјална политика. Работата на Фондот е подржана од Советодавното тело.
Проектот го предводи Татјана Бошковиќ, во соработка со координаторките од трите училишта: Соња Јовановска, Тамара Алаџајкова, Мејрем Туша и Маријана Грчевска Чадиковска. Тој вклучува активности кои ја промовираат мултиетничката интеграција во образованието, го поттикнуваат истражувањето, гледањето филмови, дебатирањето и организирањето на спортски натпревари. Финалниот настан за презентација на постигнатите резултати ќе се одржи кон крајот на годинава.
- Нашето училиште како важен агенс на социјализација и едукација, со овој проект за мултикултурно образование, се стреми да создаде еднакви образовни можности за сите ученици вклучително и за оние од различни етнички и социјални групи, што ги одразува различните култури и групи во нашето мултикултурно општество во Република Северна Македонија”- изјави директорката на ООУ „Лазо Трповски“, Соња Јовановска.