Во громогласна и френетична атмосфера, во спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, уште попозната меѓу карпошани како салата „Партизан“, одбојкарките од ООУ „Јан Амос Коменски“  во големото финале ги победија своите врснички од ООУ „Владо Тасевски“ со резултат од  2:1  (23:25, 28:26, 15:5) во сетови  и постанаа шампионки на овогодинешните училишни спортски лиги во женска конкуренција. Во еден до крај неизвесен натпревар, со многу резултатски пресврти и борба за секој поен, основките  од ова училиште од населбата Тафталиџе 1  сосема заслужено се израдуваа на големата победа и освојувањето на победничкиот пехар.  Градоналачникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски им ги додели пехарите на победниците и порача дека Општината постојано вложува, а и во иднина ќе вложува во развојот на спортот и спортските активности.

  • „Им честитам  на  сите учесници, на нашите талентирани одбојкарки, на нивните тренери и ги поздравувам нивните родители. Спортот е една од најблагородните работи  и е исклучително  важен  за подигнување на психофизичкиот раст и развој на една личност особено на вас, како млади тинејџери, кои се градат како личности, меѓу другото и преку спортските активности. Исто така е важен и за градењето на карактерот бидејќи нè  учи на борбеност, дисциплина, позитивен напреварувачки дух, целејќи кон постигнување на успеси. Во оваа прекрасна спортско- натпреварувачка атмосфера, денеска сите сте победници“ – нагласи градоначалникот  Лукровски.

По завршување на натпреварот, за најталентирана одбојкарка  беше прогласена Кирјана Трипуновски од „Јан Амос Коменски“, додека за   најкорисен  играч беше избрана Ена Нешовиќ од истото училиште. Признанието  за   најдобра  одбојкарка отиде кај Ана Темјановска од „Владо Тасевски“. Во борбата за третото место, одбојкарките од ООУ „Лазо Трповски“ победија  против  основките од ООУ„Аврам Писевски“ со резултат од 2:1 во сетови (25:10, 21:25 , 15:07), и со тоа ја освоија бронзата на овој турнир .