ОПШТИНСКИ НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ
- април 29, 2026
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска имаше чест официјално да го отвори 46-тиот Општински натпревар по прва помош на кој учествуваат ученици од 34 училишта од основно и средно образование, од општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај.
Станува збор за традиционален натпревар кој е во организација на Црвениот Крст на Република Северна Македонија во кој учениците се натпреваруваат во укажување на прва помош на повредени лица со симулирачки ситуации (несреќи, повреди, итни состојби), а жири комисијата составена од страна на едуцирани лекари и демонстратори, ги оценува натпреварувачките тимови.
Првата помош, како една од најпрепознатливите активности на Црвениот Крст, има огромно значење бидејќи претставува прва и најбрза реакција при несреќи и повреди и се дава на лице место, пред да пристигне медицинската помош, и со тоа може да спаси живот. Токму тоа е и целта на ваквите натпревари на кои учениците практично добиваат и обука за реални ситуации за брза и правилна реакција кога нечиј живот е загрозен.
Општина Карпош и при вакви настани ја покажува својата одговорност кон граѓаните и заедницата, и токму затоа соработката со Црвениот Крст ќе продолжи во сите понатамошни иницијативи и активности.









