Општина Карпош продолжува активно да ги унапредува своите меѓународни партнерства и учеството во европските програми, потврдувајќи ја својата посветеност кон европските вредности, инклузивните политики и локалниот развој.

Во рамките на програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (ЦЕРВ), Роберт Јанковски, заменик-раководител на Секторот за развој при Општина Карпош, ја претставуваше општината на меѓународен работен состанок организиран од Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА, кој се одржа во Виченца, Италија.

Настанот беше посветен на имплементацијата на проектот „Фер игра“, европска иницијатива насочена кон промоција на еднаквоста, инклузијата и безбедноста во спортот на локално ниво, преку соработка меѓу повеќе европски партнери.

Во рамките на работната агенда, учесниците следеа специјализирани обуки и тематски сесии за интегрирање на родовите перспективи во јавните политики, со посебен акцент на родовата еднаквост во спортот. Преку практични активности, размена на искуства и дискусии, беа разработени модели за креирање инклузивни спортски програми и политики кои ќе придонесат за поголема еднаквост и безбедност во локалните заедници.

Партнерите работеа и на подготовка на заеднички документ за заштита и безбедност на децата во спортот, со цел воспоставување унифицирани европски стандарди за сигурна и инклузивна спортска средина.

Во текот на состанокот беше направен и детален преглед на тековните активности и работни пакети на партнерските организации, кои опфаќаат иницијативи за унапредување на учеството на жените во спортот, споделување добри практики за родова еднаквост, пилот-активности за тестирање иновативни решенија, како и подготовка на локални и европски политики во областа на инклузивниот спорт.

Со ваквото активно учество во европски иницијативи, Општина Карпош продолжува да се позиционира како современа и транспарентна локална самоуправа, која успешно ги користи европските фондови за развој на локалните политики и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Проектот „Фер игра“ претставува уште еден значаен чекор кон создавање еднаква, безбедна и инклузивна заедница, особено во областа на спортот и младинските политики.