ОПШТИНА КАРПОШ СО СВОИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА „ПРОЕКТ СКОПЈЕ 2026“
- април 23, 2026
- 0
Претставници од локалната самоуправа во придружба со претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, денеска присуствуваа на меѓународната конференција „Проект Скопје 2026: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, која се одржа во хотелот Александар Палас. Станува збор за првата официјална меѓународна презентација на високо ниво, на визијата, идентитетот и стратешката насока на нашиот главен град, пред европските институции, партнери и засегнати страни, во пресрет на големиот настан „Скопје – Европска претстолнина на културата“ кој ќе се одржи во 2028 година. Конференцијата ја организираше Град Скопје во партнерство со ЕУ и УНДП, а истата е осмислена како меѓународен настан со двојна намена.
Имено, во рамки на средбата беше најавен почетокот на изработување на Стратегијата за развој на Скопје во наредните 20 години, а настанот беше конципиран во форма на Форум за стратешки политики, кој истражува како рамката на Европската престолнина на културата може да функционира во вид на катализатор за одржлив урбан развој. Концептот на работната средба беше опфатен во три панел – дискусии. На првата беше претставена официјалната презентација на Европската престолнина на културата и Европскиот културен дијалог. На вториот панел се говореше за урбаните политики водени од културата и процесот на долгорочна трансформација. На третата панел-дискусија се разгледуваа опциите за вмрежување преку интерактивни работилници, каде што учесниците активно се вклучија во процесот на ко-креирање на визијата за урбаниот развој на Скопје. Главната цел на овие сесии беше создавање на отворен простор за размислување и размена на идеи, каде што заинтересираните учесници имаа можност да ги изложат своите конкретни предлози и решенија за иднината на градот. Денешната конференција може да се анализира и од практичен агол, бидејќи резултатите од реализираните сесии ќе послужат како основа за долгорочната стратегија на градот Скопје.









