Општина Карпош се приклучува на иницијативата на радио „Бубамара“ за подигнување на свеста за ПП заштита
- април 19, 2022
- 0
Општина Карпош, Сектор Инспекторат и Одделение за заштита и спасување, се приклучуваат на иницијативата на скопското радио „Бубамара“ за подигнување на свеста за важноста на противпожарната заштита и за едукација на граѓаните во врска со правилно користење на ПП апарати како и хидрантска мрежа во колективните станбени згради.
Цел на овој проект е граѓаните, Заедниците на станари како и сите колективни станбени згради да се мобилизираат околу обезбедувањето на основна противпожарна опрема и едукацијата за нејзина примена – до пристигнувањето на пожарникарите.
Акцијата од страна на Општина Карпош ќе се одвива со проверка на исправноста на хидрантската мрежа и достапноста на противпожарни скали, преку дописи до Заедниците на сопственици и Управителите на колективни станбени згради и собирање на податоци кои подоцна ќе бидат предадени на соодветните служби. Исто така, ќе треба да биде проверено дали и колку станари поседуваат ПП апарати, и колку од оние што ги поседуваат, знаат да ракуваат со истите.
Доколку при проверката се воспостави дека нема хидрантска мрежа, се препорачува Заедницата на сопственици односно Управителите преку соодветна законска процедура опишана во Закон за домување, да набават противпожарни апарати.
Важен дел во оваа едукација ќе биде посветен на средношколците.
Акцијата започнува овој месец во средните училишта Орце Николов и Никола Карев, а потоа ќе продолжи во сите средни училишта. Предвидено е да бидат опфатени ученици од една генерација, а потоа во секое средно училиште да се формира ППЗ-секција, преку која средношколците ќе се подготвуваат во некоја претпоставена ситуација на ненадеен пожар правилно да дејствуваат и да овозможат безбедна евакуација, додека пристигне противпожарната бригада за интервенција.
Секој средношколец ќе направи анкета за примарна противпожарна заштита по разговор со родителите, соседите и со претседателот на куќен совет во зградата во која живее за да осознае како да постапува во случај на пожар. Согледувајки ги состојбите во своето непосредно опкружување, тие во иднина ќе можат како информирани и едуцирани млади луѓе да иницираат средување на ППЗ инсталацијата, хидрантите и информираноста за значењето и потребата од поседување ППЗ апарат во своите домови, во зградата во која живеат и во училиштето во кое учат.
Противпожарната заштита во стамбените згради е на многу ниско ниво, нема хидранти или ако ги има – хидрантите немаат противпожарни црева, ПП инсталацијата за заштита со години не е проверена дали е во функција, противпожарните скали за евакуација се преградени или затворени со непотребни предмети на станарите, а станарите не се информирани и едуцирани за последиците од опасноста од нефункционирање на сите овие сегменти од основната противпожарна заштита..
Во изминатите децении се случија многу пожари со тешки последици кои би можеле побрзо да се спречат ако граѓаните биле информирани, ако станарте имале ПП апарати, исправна ПП инсталација во своите влезови и ако биле едуцирани како да постапат при спречување, евакуација и гаснење на пожар.
Со оваа акција која ја иницира популарното скопско Радио Бубамара ќе се обиде да ги поттикне и разбуди Заедниците на станари, фирмите управители на згради, граѓаните, средношколците, а активно ќе бидат вклучени градот Скопје, Општините во градот, Противпожарната бригада на град Скопје, инспекторатот за домување и оделението за заштита и спасување да се преземат конкретни мерки за евиденција, превенција и функционалност за брзо постапување при почетен пожар и безбедна евакуација, со што на пожарникарите ќе им ја олесни работата, а во случај на несреќа да спаси човечки живот и имотот на граѓаните.
Во целиот овој проект особен акцент ставивме на младите генерации за да создадеме во иднина граѓани кои ќе бидат одговорни и подготвени за вистинска и свесна реакција во случај на пожар.