ОПШТИНА КАРПОШ – ПРВА ВО МАКЕДОНИЈА ПО БРОЈ НА ПОДАТОЧНИ СЕТОВИ!
- октомври 6, 2026
- 0
Според официјалниот портал на Министерството за дигитална трансформација на РСМ (data.gov.mk), Општина Карпош се наоѓа на првото место во Македонија, по број на податочни сетови.Имено, во рамки на владиниот портал за отворени податоци, во насока на поголема транспарентност, иновации и дигитална демократија, објавени се 68 податочни сетови кои се достапни и на веб страницата на Општина Карпош. Инаку, порталот за отворени податоци функционира како официјална платформа на Владата на РСМ, која овозможува слободен и бесплатен пристап до податоци, кои се генерирани од јавните институции во државава. Овој портал содржи над 700 податочни сетови од повеќе од 80 јавни институции, вклучувајќи министерства, агенции и други државни органи.
Истиот претставува клучен инструмент за унапредување на транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во креирањето на јавните политики. Отворените податоци се податоци кои се достапни во машински читливи формати и можат да се користат, реупотребуваат и дистрибуираат од страна на секој, без ограничувања. Тие се основа за развој на нови апликации, истражувања, анализи и услуги кои можат да придонесат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Оттука, граѓаните можат да ја користат платформата за подобра информираност и можност за активно учество во донесувањето на одлуки.
Податочните сетови можат да им бидат корисни и на компаниите, за развој на иновативни производи и услуги базирани на јавни податоци, а истражувачите и новинарите имаат валиден извор за пристап до релевантни податоци за анализа и известување.









