ОПШТИНА КАРПОШ ПОСТАВИ НОВА СПОМЕН-ПЛОЧА СО ИМИЊАТА НА СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА ПРВИОТ СКОПСКИ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД
- август 22, 2024
- 0
Градоначалникот Стевчо Јакимовски предложи до советниците на Општина Карпош, а тие ја изгласаа Одлуката за поставување на нова спомен-плоча, по повод основањето на Првиот Скопски Партизански Одред.
Станува збор за нова спомен-плоча која се наоѓа веднаш до старото спомен-обележје, која Општина Карпош ја постави на барање на Сојузот на борци на Македонија. На новата спомен-плоча се запишани сите членови кои биле дел од Првиот Скопски Партизански Одред. Локалната самоуправа ја финансираше изработката и поставувањето на овој историски паметник, кој денеска свечено беше пуштен во употреба, во чест на 80 годишнината од Првото Заседание на АСНОМ.
По тој повод, се обрати и претставникот на Сојузот на борците на Македонија, кој во оваа пригода изрази голема благодарност до градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Претставникот на СБМ јавно му се заблагодари на Јакимовски за досегашната соработка и целосна поддршка која се одвива на високо ниво, и ги потсети присутните за иницијативата на првиот човек на локалната самоуправа, која ја реализираше пред речиси една деценија. Имено, на предлог на градоначалникот Јакимовски пред десетина години, Општина Карпош со сопствени средства го изработи и го постави споменикот на македонскиот народен херој, Кузман Јосифоски – Питу, кој се наоѓа во населбата Козле.
Во рамки на денешната свечена манифестација, тричлена делегација од Општина Карпош, предводена од Секретарот на локалната самоуправа, Ивана Ордевска и советниците Зоран Краљевски и Славко Митевски, денеска присуствуваше на овој свечен чин, каде што положи свежо цвеќе пред новопоставеното спомен-обележје.
-Општината и понатаму ќе дава поддршка на ваквите иницијативи и ќе ја негува почитта кон борците од НОВ, кои се бореле за слобода, а некои од нив го положиле својот живот пред олтарот на татковината. На овој начин, сакаме да оставиме аманет и до новите генерации кои треба да ги почитуваат начелата на слободата и демократијата и оттука да го зачуваат и споменот кон луѓето кои чекореле по патот на формирање на самостојна Македонија– посочи Ордевска.
За посебниот придонес и поддршка во оставрувањето на целите и задачите на СБМ на планот за негување и развивање на традициите од НОАВМ 1941-1945 година, претставникот на Сојузот на борците, и врачи благодарница на Секретарот Ивана Ордевска, која го прими ова признание во име на Општина Карпош.
На оваа манифестација, присуствуваше и 103 годишниот припадник на Првиот Скопски Партизански Одред, Методија Коневски, како и делегации на Сојузот на борци на Македонија, претставници на политички партии, здруженија на пензионери, како и граѓани кои дојдоа да им одадат почит на македонските револуционери.