Општина Карпош преку својот претставник М-р Ирена Калајџиева Милевска  учествуваше на дводневната работилница  на тема ,,Интерсекторска соработка за здравје во локалната заедница”, која се одржа во ТЦЦ „Гранд Плаза” на 30-ти и 31-ви мај.

Проектот е дел од Националната  стратегија ,,ЗДРАВЈЕ 2020″ организирана од Канцаларијата на Светската здравствена организација – регионална канцеларија за Европа и во соработка со Министерството за здравство.

Работилницата ја водеа М-р Снежана Чичевалиева – програмски менаџер за национални политики при СЗО и Маргарита Спасеновска – шеф на Канцаларијата на СЗО, а свое уводно обраќање имаше државниот советник од Министерството за здравство д-р Јованка Костовска.
 
Целта на средбата беше претставниците од локалната самоуправа од различни сектори, вклучително и граѓанскиот, да развијат дискусија за унапредување на интерсекторската соработка за здравјето на секој поединец-жител кој е основна клетка во формирање на здраво општество.
 
Во текот на дводневната дебата преку презентации беа посочени бројни позитивни активности кои локалните власти ги спроведуваат во рамките на своите програмски цели. Формираните работни групи дискутираа по одредени области, за поефикасно спроведување на Национална стратегија за здравје, Оперативниот план до 2020 година и Одржливите развојни цели на Обединетите Нации.  Овие проекти  претставуваат клучни приоритети за  воведување политики, регулатива и практика за интерсекторска соработка за здравје на локално ниво.
Работните групи преку своите координатори дадоа свои заклучоци, од кој се издвои еден како најзначаен, а тоа е формирање на Национален Совет за здравје при Министерството за здравство кој ќе ги координира и ќе работи со Советите за здравје формирани во општините. Д-р Костовска појасни дека со оваа програма ќе се  интензивира интерсекторската соработка што е во функција на јавното здравје. На работната средба освен организаторите, учествуваа претставници од сите ресорни министерства и институции како и претставници на општините во Република Македонија.