На почетокот на месец септември, проектот „Инвазивни растенија и животни во општина Карпош по течението на реката Вардар“ на учениците од 9б одделение од ООУ „Лазо Трповски“, стана дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност со седиште во Хамбург, Германија. Оваа меѓународна и пред сé глобална акција за заштита на видовите традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот.

Годинава учествуваа околу 17 000 учесници од Европа со околу 800 проекти, a главната задача на учесниците во овој глобален проект е подетално да ја проучат биолошката разновидност и потребата од заштитата на видовите во своето непосредно опкружување, воедно и да ја документираат со цел да дадат автентични информации за фактичката состојба.

 

Еко-проектот, координиран од двајца наставници во својство на ментори, Даниела Радевска и Стефан Симовски, учесниците го реализираа во соработка со Катедрата за ботаника и дендрологија на УКИМ Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг Ханс Ем во Скопје. Организатор на оваа глобална акциска мрежа се германската секција на ГЕО и еколошката фондација „Хајнц Зилман“.