Денеска, во просториите на Општина Карпош, се одржа работилница посветена на стратегијата за локален економски развој, во организација и иницијатива на Министерството за локална самоуправа, на која учествуваа претставници и засегнати страни од повеќе општини од Република Северна Македонија. Целта на работилницата беше преку размена на искуства, знаења и добри практики да се придонесе кон подобро разбирање на локалната економија, како и кон подготовка на поквалитетни и поефикасни стратешки планови. Работилницата ја водеше Александар Караев, доктор по економија, искусен професионалец во областа на малите и средните претпријатија, претприемништвото и локалниот развој.

Во рамки на работната средба беа разгледани повеќе клучни аспекти, меѓу кои препознавањето на економските потенцијали и предизвици во локалните средини, идентификувањето на потребите на локалните бизниси и граѓаните, како и унапредувањето на соработката меѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор. Стратегијата за локален економски развој претставува важна алатка за анализа и подобро разбирање на локалната економија. Преку согледување на расположливите ресурси, човечкиот капитал, инфраструктурата, бизнис-секторот, инвестициите и локалните потреби, општините можат попрецизно да ги утврдат областите со потенцијал за раст и развој.

Стратешкиот пристап опфаќа повеќе чекори – анализа на моменталната состојба, идентификување на потенцијалите и предизвиците, вклучување на релевантните засегнати страни, дефинирање приоритети, поставување конкретни и мерливи цели, како и континуирано следење и оценување на постигнатите резултати. Со своето учество, Општина Карпош придонесува кон создавање простор за меѓуопштинска соработка, размена на искуства и споделување добри практики, со цел зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи.

Работилницата ќе продолжи да се реализира во повеќе наврати во наредниот период, со што се очекува дополнително да придонесе кон подготовка на квалитетни, реални и одржливи стратегии за локален економски развој.