Под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“, денеска во Македонската филхармонија, беше одбележан Денот на јавната администрација. На настанот, организиран од Министерството за јавна администрација, присуствуваше и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, заедно со претставникот на општинската администрација, д-р Мирјана Пехчевска. Свое обраќање имаа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за јавна администрација Горан Минчев, како и шефот за соработка во Делегацијата на Европската унија, Штефан Худолин.

 Во својот говор, премиерот Мицкоски посочи дека денешниот ден не е само формалност, туку повик за реформи за како што рече, конечно надминување на „болестите“ кои предолго ја разјадувале јавната администрација.

  • „Ги градиме темелите на промените за времето во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое институцијата ќе служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое службеникот ќе биде горд што е дел од јавната администрација, а граѓанинот ќе знае дека ќе биде услужен со почит, ефикасно и дигитално“ – истакна Мицкоски.

Во рамки на денешната средба, министерот за јавна администрација Горан Минчев, посочи дека по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на јавните службеници и јавната служба, традиционално се одржуваат панел дискусии на тема „Модерен јавен сектор“ и „Управување кон промени“.

               Во оваа пригода беше потенцирана и потребата од професионализација на јавната администрација, со фокус на создавање на независен и ефикасен сервис за потребите на граѓаните по модерен и европски терк. Во таа насока, Општина Карпош како локална самоуправа, постојано се залага за  подигнување на административните капацитети  на Општината, со цел да изгради  еден современ, професионален и ефикасен систем, со кој ќе им обезбеди поквалитетни услуги на своите жители.