ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ
- мај 20, 2022
- 0
Во седиштето на Територијалната противпожарна бригада при градот Скопје кое се наоѓа во населбата Автокоманда, денеска беше одбележан Денот на македонските пожарникари (20. Мај), кои ја прославуваат 186 годишнината од своето постоење. На свеченоста покрај градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, странските дипломатски претставници, како и видни личности од културната, политичката сфера и бизнис секторот од државава, присуствуваше и двочлена делегација од Општина Карпош, составена од градоначалникот Стевчо Јакимовски и Секретарот Неделчо Крстевски.
По свечената смотра на припадниците на Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ), командирот Звонко Томовски ги поздрави присутните и истакна дека пожарникарите се дел од оваа мала но исклучително храбра единица која, кога е најпотребно го ризикува својот живот за да ги заштити останатите граѓани. Во оваа пригода, градоначалничката Арсовска им оддаде почит и бладодарност на луѓето кои се борат против огнените стихии и се секогаш подготвени да ги заштитат луѓето и материјалните добра.
- Улогата на пожарникарите во денешното општество е одраз на посветеност и пожртвуваност, односно битка на тимот против еден заеднички непријател – огнот. Секоја професија има своја специфичност, но во пожарникарството се обединуваат храброста, хуманоста и одговорноста. Вашата професија влева сигурност и спокој во нашиот град – посочи Арсовска.
Во продолжение беше емитувано и промотивно видео, по што командирот Томовски им додели благодарници за несебичната помош и поддршка на Амбасадата на САД, ЈП „Комунална хигиена“, ЈП „Водовод и Канализација“, како и на невладината организација LinkAcross. Пред присутните гости, пожарникарите одржаа и тактичко показна вежба, преку која ги демонстрираа своите вештини кои се дел од нивниот професионален ангажман.