ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ДИЈАБЕТИЧАРИ ВО ООУ „ЛАЗО ТРПОВСКИ“
- ноември 15, 2018
- 0
Основното училиште „Лазо Трповски“ е првото училиште во Општина Карпош кое спроведе активности по повод Светскиот ден на дијабетесот. Имено, денеска, на игралиштето во училишниот двор, вторачињата се дружеа и се едуцираа што значи здрав живот и колку се важни спортските активности за нивниот развој.
Иницијаторката на овој настан Александра Гаџоска, наставничка во второ одделение, во соработка со ЦЦПА (Данска невладина организација, проект „Отворени забавни фудбалски школи“/CCPA – Open Fun Footbal School), a со поддршка од останатите наставнички Оливера Маџоска, Сандра Гаџоска, Олгица Каскаревска и Јагода Ололовска, ги вклучија своите ученици во спортските активности како превенција од шеќерната болест (дијабетесот) кај младата популација.
Данската невладина организација ЦЦПА, преку овој проект, заедно со „Ново Нордиск Фарма“ водечки производител на инсулин во светот и „Виталиа“, веќе дваесета година ги едуцира децата од основните училишта во повеќе општини на здрав живот и здрава храна, како превенција од мошне сериозната шеќерна болест. Целта на проектот е, во рамки на Денот на дијабетичари, децата да се дружат и социјализираат и преку игра и забава да разберат што е здрав начин на живот за нивниот целокупен развој. Проектот е одобрен од Министерството за образование на Република Македонија.