Програмата за развој на Обединетите нации  (УНДП)  во соработка  со Општина Карпош, им овозможи на осум жени да се стекнат со сертификат  за волонтирање како негувателки во jавните детски установи кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа.

Во присуство на директорите на сите четири градинки од Општина Карпош, во градинката „Мајски Цвет“, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, лично им ги врачи признанијата на волонтерките – негувателки во градинките. Овој проект е со цел да им се овозможи на млади девојки, како и повозрасни жени да се стекнат со практично искуство во сферата на детската нега и заштита, кое понатаму би им донело поголеми можности за вработување во институција со соодветната струка која ја поседуваат.

Проектот траеше шест месеци , при што финансискиот надоместок за платите на волонтерските негувателки го овозможи УНДП, додека трошоците за обезбедените лиценци ги подмири локалната самоуправа.

 

–                    Ми претставува  особена чест и задоволство што  овие млади девојки и жени од Карпош , токму преку оваа наша соработка со УНДП се стекнаа со драгоцено искуство, кое многу ќе им помогне во понатамошната професионална кариера. Особено,  станува збор за една благородна работа, која изискува многу внимание, посветеност, елан и трпение, како што е воспитувањето и подигнувањето на најмладите генерации. Еден ден, во иднина, токму вашите генерации на деца може да станат идни академици, доктори, адвокати, инжинери, на што особено ќе сте лично горди,  истакна првиот човек на Карпош, Стевчо Јакимовски.

 

 

 Општинскиот татко, исто така нагласи, дека токму овие осум обучени негувателки ќе имаат практична предност при вработувањето, бидејќи искуството кое го стекнале, ќе им биде од исклучителна важност при аплицирањето на конкурсите за идно вработување. Директорот на „Распеана Младост“, како и директорките на останатите три градинки во Карпош „Пролет“, „Орце Николов“ и „Мајски Цвет“, упатија позитивни критики и пофални зборови за негувателките, напоменувајќи дека за многу кратко време се адаптирале на колективот и на висина на задачата ги извршувале своите секојдневни работни обврски. Заменик- раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес Гордана Стојчевска – Зафировска  нагласи дека Општина Карпош во континуитет го подобрува амбиентот на градинките, како од инфраструктурен, така и од кадровски аспект, сé со цел најмалите карпошани да имаат најдобри услови за престој.