Општина Карпош, во соработка со Црвениот крст на град Скопје, започна со реализација на едукативни и практични обуки за прва помош, наменети за 100 воспитувачки и негователки од детските установи на територијата на општината.

Обуките започнаа денеска, а ќе се реализираат до петок, 9 октомври, од страна на стручни тимови на Црвениот крст, составени од координатор и доктор.
Преку теоретски и практични вежби, воспитувачките и негователките ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и практични вештини за навремено и соодветно постапување во ситуации кога е потребна прва помош, особено имајќи ја предвид нивната одговорност и грижата за најмладите.
Со вложување во знаењето и подготвеноста на воспитно-згрижувачкиот кадар, Општина Карпош придонесува кон создавање побезбедна средина за најмладите.