ОБУКА ВО КАРПОШ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОДАВСТВОТО ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
- мај 4, 2026
- 0
Во организација на Државниот инспекторат за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, денеска во просториите на Општина Карпош, се одржува првата обука за зајакнување на капацитетите за спроведување на законодавството за животната средина. Твининг проектот за животна средина, кој е финансиран од ЕУ и кои ги поврзуваат институциите со земјите – членки на ЕУ, има за цел да ја зголеми ефикасноста, транспарентноста и координацијата на инспекциските надзори во животната средина. На тој начин, преку примена на овој проект на централно и локално ниво, ќе се обезбеди подобра заштита на животната средина и јавното здравје.
Клучните активности на проектот се усогласување со директивите на ЕУ, изработка и имплементација на Националната стратегија за инспекциски надзор во животната средина, јакнење на капацитетите и обуки за инспекторите од оваа област, како и воведување на инспекциски надзор засновани на проценка на ризик, промоција на дигитални алатки и транспарентност на податоци.
Имено, проектот е предводен од Xunta de Galicia (Шпанија), Фондацијата за меѓународна јавна администрација (FIAP, Шпанија) и Центарот за меѓународно и европско економско право (CIEEL, Грција), кои обезбедуваат институционална поддршка на ДИЖС.









