НОВ АСФАЛТ ЗА УЛИЦАТА БАХАР МОИС
- март 14, 2017
- 0
Градежната офанзива во Општина Карпош е во полн ек. Урбаната заедница „Владо Тасевски“ доби уште една асфалтирана улица на нејзина територија. Коловозот на „Бахар Моис“ денеска започна да се асфалтира и предвидено денес и да заврши.
Градежните работи на оваа 260 метарска улица, која е во вредност од околу два милиона денари, ја работи фирмата Ескаватори МК. Во подготвителните работи, во изминатите градежни зафати кадешто беше поставена атмосферска и фекална канализација, се работеше на подигање на шахтите и сливниците. Освен улицата „Бахар Моис“, во наредниот период на овој локалитет предвидено е да се реконструираат седум улици. Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски подетално образложи за кои улици станува збор.
-Продолжуваме со реконструкција на улиците во Општина Карпош, овој пат во УЗ Владо Тасевски. Конкретно извршено е гребење како и замена на рабниците и тротоарите на улиците „Наум Евро“ и „Бахар Моис“. Продолжуваме со улиците „Римска“, „Панче Пешев“, „Анкарска“ и „Њу Делхиска“. Целата оваа реконструкција изнесува околу 20 милиони денари, а вкупно ќе се обноват седум улици. Треба да се има во предвид дека веќе извршивме реконструкција на улицата „Дрезденска“ и е пробиена улицата „Борка Талевски“ , а исто така извршена е реконстукција на улиците „Рампо Левката“, „Ристо Равановски“ и „Алжирска“. Тоа значи дека за околу два месеца урбаната заедница „Владо Тасевски“ комплетно ќе има реконструирани нови улици – истакна првиот човек на локалната самоуправа.
Оттука, во наредниот период механизацијата се сели во населбата Влае на повеќе улици и тоа „Ринхини“, „Франц Прешерн“ со сите краци, како и улиците „ Иван Цанкар“ со нејзините краци. Со овој голем градежен зафат речиси сите улици во Влае 1 ќе бидат реконструирани.