Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, во новогодишно интервју говори за изминатата 2018 година, но и приоритетите за Новата година. Новиот Буџет на Општината е штедлив и реален, но овозможува и развој на Карпош на повеќе полиња.

(Во прилог е ВИДЕОТО од  интервјуто со градоначалникот Богоев) 

 

На крајот сме на 2018 година и сега се прави рекапитулација, за сето она што е направено во оваа година. Колку 2018 беше успешна за Општина Карпош?

–          Добро, јас мислам дека е најдобро граѓаните на Општина Карпош да кажат дали за нив оваа година била успешна или не, да го кажат нивното гледиште. Јас и тимот во Општината, тимот од администрацијата и советниците, сметаме дека навистина успешно ја поминавме 2018 година. Имајќи во предид дека донесовме стабилизационен Буџет и беше прва година од мандатот. Така да, сметам дека со тековно одржување на инфраструктурата, но и дел од клучни проекти кои што ги реализиравме, имаме успешна Општина. Секако, 2019 се очекува да биде уште поуспешна од 2018.

 

Нови 365 дена се пред нас. Кои капитални проекти ќе бидат во фокусот и што се ќе ја одбележи 2019 година?

 

–          За 2019 година планираме повеќе работи, но ако треба да издвојам некои покрупни тоа би бил дефинитивно ПАРКОТ којшто започнува во 2019 година да се реализира. Тоа е паркот од вештачката карпа до бунарите на р.Лепенец, по должина на р.Вардар. Почнуваме оваа година со активности таму, за паркот.

Исто така, МОЈ КАРПОШ – МОЈА КАРТИЧКА која ќе овозможи попусти и бенефиции за граѓаните на Општината, во бројни локали, кафетерии, ресторани,угостителски објекти, здравствени дејности на територија на Општината.

Од делот на детската и социјалната заштита, тоа би биле градинката во Бардовци, која ја изградивме и треба да профункционира во 2019 година и се надевам дека ќе почнеме и со активности за темелна реконструкција на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. Тоа е клонот кој се наоѓа таму, градинка која е прилично руинирана.

Од друга страна, заедно со Агенцијата за млади и спорт, очекуваме годинава да се реализира и првиот реонски училишен базен кој ќе биде лоциран во дворот на ООУ „Јан Амос Коменски“ и ќе може да го користат сите деца од основните училишта на територија на Општината во претпладневните часови, додека во попладневните ќе можат и пошироко, сите граѓани да го користат овој базен.

Продолжуваме секако и со тековни работи и тековни активности. Сметам дека навистина и на полето на хигиената, зеленилото и слично, ќе имаме сериозен напредок оваа година.

Тука би сакал да потенцирам и за највозрасните, за пензионерите. Годинава ќе започне да функционира и проектот ХУМАНИ ПАТРОЛИ каде што наши тимови ќе ги посетуваат највозрасните сограѓани, пензионерите во Карпош. Да им помогнат во некоја дневна потреба и работа и со соодветен медицински персонал да се прават некои основни, здравствени прегледи на нашите пензионери. Придружно на тоа, во делот на дружење и комуникација со пензионерите планираме отворање на НОВИ ПЕНЗИОНЕРСКИ КЛУБОВИ, додека во постојните ќе воведеме нови, динамични содржини. Пензионерите почесто ќе ме гледаат и мене и советниците, но и ќе имаат и разни настани организирано.

 

Сума сумарум, многу работа ве очекува оваа година. Е, сега ве прашувам, пред се како чoвек, карпошанин, а потоа и градоначалник. Му недостасува ли нешто на Карпош?

 

–          Дефинитивно, еве и како граѓанин ќе кажам. Од граѓански аспект би рекол дека поради претераната, непланска урбанизација резултираше со недостаток на зеленило што потоа резултира со дефицит на чист воздух за дишење односно аеро – загадување кое е на високи нивоа. И нормално, тоа продуцира и пониско ниво на хигиена во Општината и дивата урбанизација предизвикува и недостаток од паркинг места. Од друга страна пак, тоа е едно, како граѓанин – гледиште кое верувам дека и добар дел од граѓаните го споделуваат. Но, ако треба да кажам како градоначалник, токму на овие проблеми работевме во изминатата година, а ќе работиме и нареднава. Сериозен број на нови работници ангажиравме за зголемување на хигиената во Општината. Намаливме дел од луксузниот возен парк, за да набавиме комунално возило за подигање на шут, смет, лисја и ѓубришта на територија на Општината.

Затворивме и повеќе диви депонии, санкциониравме повеќе загадувачи, додека од другата, позитивна страна го обновивме зеленилото меѓу блоковите, односно меѓу зградите во населбите во Карпош, со садење на 300 нови садници од високи, израснати дрвја. А, Градот Скопје пак го обнови зеленилото долж главните градски сообраќајници, односно булеварите.

Овие проблеми веднаш почнавме да ги решаваме, јас и општинската администрација. Ние сме долги години граѓани на Општина Карпош. Јас сум роден, израснат, школуван во оваа Општина, така да проблемите во Карпош не беа нешто ново за мене или тимот во Општината. Веднаш се впуштивме во нивно решавање. Но, да бидеме искрени секогаш треба уште повеќе да се работи. Поинтензивно продолжуваме и наредна година на оваа тема, со нови садници, но и нови контејнери за селектирање на отпад, кои заедно со Градот Скопје ќе ги поставиме, со цел да се избегна онаа грда глетка на преполни контејнери со отворени капаци, каде што неретко дел од уличните животни, кучиња и мачки го расфрлаат ѓубрето или едноставно ветрот го разнесува ѓубрето на сите страни. Овие нови, паметни контејнери ќе имаат и сензори кои ќе дојавуваат на службите кога е полн контејнерот и кога треба да се постапи. Со ова, сериозно ќе ја унапредиме хигиената, односно степенот на хигиена во Општината. Секако, заедно со Нула отпад продолжуваме со акцијата за бесплатно подигање на електронскиот и електричниот отпад од домовите на граѓаните.

 

За сето ова да го реализирате потребни се финансиски средства. Креирате граѓански Буџет. Колку тој ќе биде во кондиција да ги следи барањата, потребите на карпошани?

 

–          Годинава, како и ланската, креиравме навистина одличен, граѓански Буџет. Преку online формулар се обратија граѓаните. Преку 500 граѓани кажаа што им треба.

Преку одредени прашалници, форуми со Институтот за јавно здравје исто така го слушнавме гласот на граѓаните и нивните сугестии целосно се вметнати како приоритети во новиот граѓански Буџет за 2019 година.

 

И за самиот крај. Ќе направи ли Општина Карпош во следната година такви проекти, кои ќе бидат препознаени и поддржани од меѓународни институции и се разбира домашни!?

 

–          Верувам дека ќе направиме. Годинава за адреналинскиот парк добивме сериозна сума, скоро еден милион евра од Светска банка за одличен проект. Апсолутно, она што го кажувате, нашиот концепт за 2019 година, но и годините потоа е преку квалитетни проекти да аплицираме во сите меѓународни и странски фондови каде што можеме. За да заштедиме пари на Општината, но и да се реализираат проекти.