НОВА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ПОЕФИКАСЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
- септември 15, 2026
- 0
Општина Карпош продолжува да ги унапредува своите капацитети преку воведување на современи технологии во секојдневното работење. Во таа насоја, четворица вработени во општинската администрација успешно ја завршија обуката за управување со беспилотни летала (дронови), при што се стекнаа со сертификати за управување со ВБЕ (воздухоплов без екипаж). Сертификати за управување со беспилотно летало добија Душко Андонов и Жарко Радически, општински градежни инспектори, Јованче Цветановски, вработен во Одделението за екологија и енергетска ефикасност, и Саше Трајковски, камерман. Со успешно завршената обука, дронот е ставен во употреба во рамки на Секторот Инспекторат и истиот ќе претставува значајна технолошка алатка за поефикасно, побрзо и попрецизно вршење на инспекцискиот надзор на терен.
Неговата употреба ќе овозможи полесно согледување на состојбите на тешко достапни локации, визуелна документација на теренот, како и подобар увид во конкретни ситуации при спроведувањето на инспекциските постапки. Дронот ќе им биде достапен на сите инспектори во Секторот Инспекторат кои имаат потреба од ваков вид теренски надзор, а согласно потребите, неговата примена ќе може да се прошири и во работењето на останатите сектори во Општина Карпош.
Оваа обука е особено значење, бидејќи не станува збор само за стекнување нови знаења и сертификати, туку и за создавање современи и поефикасни начини на работа во локалната самоуправа. Примената на беспилотните летала отвора нови можности за подобро следење на инфраструктурата, урбанистичките состојби, јавните површини и состојбите во животната средина, како и за побрзо и поквалитетно собирање информации од терен.
Со воведувањето на оваа технологија, Општина Карпош создава дополнителни перспективи за дигитализација и модернизација на своето работење, со цел инспекциските и другите општински служби да располагаат со посовремени алатки, а граѓаните да добиваат поефикасна, поодговорна и поквалитетна услуга.









