Започна изведбата на нова пешачка зона – тротоар долж улицата „Скупи“. Градежните активности се одвиваат од бензинската станица „Мак оил“ па сé до крстосницата со улица „10“ која води кон Бардовци.

Тротоарот е со должина од 500 метри, а ширината на истиот е 2 метри. Во текот на изградбата се предвидува и поставување на рабници и асфалт.

Станува збор за потег кој долги години беше запуштен и немаше дел за пешаците.

Денеска, на теренски увид на изведбените работи беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

 

  • Неодамна, токму на овој потег се изведе и нова фекална канализација. Целта е инфраструктурно да ги развиваме периферните делови на Карпош, кои изминативе години беа целосно заборавени. Општина Карпош продолжува и оваа година со реконструкции на улици. За оваа намена се одвоени 10 милиони денари од Буџетот на општината, но значајна е поддршката која ја добиваме од Градот и јавните претпријатија за сообраќајниците кои се во нивна надлежност, рече Богоев.

 

Портпаролот Салиху истакна дека градежните активности ќе се одвиваат околу еден месец, а изведувач е ЈП „Улици и патишта“. Тој напомена дека до сега не бил предвиден тротоар на овој потег, а бидејќи станува збор за една од пофреквентните сообраќајници во главниот град, со ова значително ќе се придонесе во зголемување на безбедноста во сообраќајот.

 

 

Одделение за односи со јавност