НЕ СИ САМА: КАРПОШ СО ПОДДРШКА ДО ЖЕНИТЕ – ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО
- март 8, 2021
- 0
„Не си САМА! Ти се спротивстави на насилството и победи“, со оваа порака градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев го честиташе 8 Март до жените – жртви на семејно насилство, кои се дел од Шелтер центарот во Карпош.
Локалната самоуправа им додели симболични подароци на згрижените лица во овој центар, како и на стручниот персонал кој работи во установата. Веќе извесен период, Општина Карпош има успешна соработка со Шелтер центарот, а институционалната поддршка секојдневно се зголемува.
Во своето видео – обраќање Богоев се осврна на улогата на жената во нашето општество. ТАА е докторка, наставничка, спортистка:
– Ти си храбра, достоинствена и свесна за својата вредност!
Ти си ТАА која е во првите борбени редови за заштита од КОВИД – 19!
Ти си ТАА која ги образува новите генерации!
Ти си ТАА која му помага на своето дете во пишувањето домашни!
Ти си ТАА која сама одлучува за своето тело! Ти си ТАА кога гласно говориш за неправдите на работното место!
Ти си ТАА која сама одлучува која слика ќе ја сподели на Инстаграм!
Ти си ТАА која се грижи, ти си таа која победува, а твојот успех ја радува целата држава, вели Богоев.
Во завршниот дел, градоначалникот потсетува дека 8 Март само не потсетува на фактот дека правата на жените се унапредуваат секојдневно и безусловно.
Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, Општина Карпош спроведе и информативна кампања на социјалните мрежи, во соработка со здружението „Една може“. На креативен и сликовит начин се информираше јавноста за значењето на 8 Март и потребата од поголема застапеност на жената во сите сфери од општественото живеење.