НЕМА ДРУГА АЛТЕРНАТИВА ОСВЕН СЛОБОДАТА
- февруари 25, 2018
- 0
Општина Карпош и Сојузот на борците на Македонија, денеска, одбележаа 74 години од смртта на народниот херој, еден од главните организатори на антифашистичкото движење, Кузман Јосифоски – Питу.
Во присуство на членови на фамилијата на Кузман Јосифоски – Питу, борци од Народно ослободителната борба (НОБ), советници, како и заинтересирани граѓани и организации, се одржа пригодна програма пред спомен обележјето, во населбата Козле.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ја истакна важноста на улогата на Кузман Јосифоски во антифашистичкиот период и неговиот придонес во народно – ослободителна борба.
– Како упорен борец за создавање на македонската држава, Кузман Јосифоски Питу е длабоко врежан во светлата страна од македонската историја.
Наша обврска е да го негуваме споменот на еден од главните организатори на антифашистичкото движење и на Народно ослободителната борба во Македонија, рече Богоев.
Градоначалникот Богоев се осврна и на фактот дека постои вистинска потреба од драстично подобрување на односот кон Сојузот на борци на Македонија. Во изминатиот период, Сојузот беше предмет на омаловажување и нереспектирање од страна на државните институции и власти.
Општина Карпош ќе биде вистински партнер и поддршка на СБМ, и само така ќе покажеме почит и вреднување на нашето минато, говореше Богоев.
Свое обраќање имаше и проф. д-р Трајко Стаматовски, претседателот на Градскиот одбор на СБМ – Скопје.
Стаматовски говореше за раниот живот на Кузман, истакнувајќи дека тој беше најсветлата ѕвезда на македонското револуционерно небо.
Присутните имаа можност да слушнат за студентските денови на Питу кој бил голем интелектуалец, а жарот за слобода и неговата предаденост на идејата за подобар живот на македонскиот народ ја покажувал и низ факултетските аули.
Во насока на негување на споменот и сеќавање на Кузман Јосифоски, се одржаа и литературни читања од ученици од основното училиште “Владо Тасевски” од Карпош. Главен мотив беше делото и мисијата на Кузман, како и на борците кои биле дел од НОБ.
Општина Карпош и во претстојниот период ќе продолжи да ги чествува важните датуми од нашето минато и вредностите како слободата, еднаквоста и солидарноста, кои се основа на секое демократско општество.
Низ призмата на овие вредности, работиме на обезбедување на достоинствен живот и економски напредок за сите граѓани на Општина Карпош.