Вториот ден од учебната година во основните училишта во Карпош се одвива без поголеми проблеми. Протоколите доследно се почитуваат во сите десет образовни установи. Наставата се одвива со физичко присуство за учениците до трето одделение, а паралелно наставниот кадар предава и онлајн, за учениците кои го следат образовниот процес од своите домови.

 

Учениците повторно креваат два прста и се натпреваруваат во знаење, наставничките трпеливо ја објаснуваат наставната материја, а административно – техничкиот кадар се грижи за контрола на хигиената и спроведување на потребните мерки.

Во овие моменти, додека се прилагодува Националната онлајн платформа, наставниците предаваат на Microsoft Teams, каде што онлајн делот се одвива без застој.

Општина Карпош продолжува со тековно следење на состојбата во основните училишта и детските градинки. Со последниот ребаланс на Буџет дополнително се зголемија средствата за хигиена и дезинфекција на училиштата, а се одвоија и повеќе пари за ИТ опрема.

Како локална самоуправа се заблагодаруваме до сите наставници, педагози, административно – техничкиот кадар, родители и ученици за трпението и разбирањето кое го имаат во овој период. Оваа учебна година е нов почеток за сите. Никој не може да вети целосна подготвеност, но сите мора да бидеме одговорни.