Учениците од деветите одделенија од основните училишта „Јан Амос Коменски“ (Тафталиџе) и „Аврам Писевски“ (Бардовци) ќе имаат можност да добијат кариерно советување и насочување. Ова подразбира, учениците, на полесен начин, да го  изберат средното училиште во кое сакаат да го продолжат своето образование.

Стручни лица ќе работат со младите, со цел да им го олеснат изборот на средно стручно училиште или гимназија. Тоа ќе придонесе и во трасирањето на патот на младите луѓе и за мапирање на нивниот интерес за идна работа или за продолжување со високо образование.

Денеска, за оваа цел се воспостави соработката меѓу Општина Карпош и Асоцијацијата на советници за развој на кариера, за што беше склучен и Меморандум за соработка.

 

  • Некои од вас, веројатно знаат веќе каде сакаат да се запишат во средно, но сигурно има и многумина кои се двоумат.

Сега, може да дознаете дали ве интересира повеќе средно стручно училиште  (економски, правен смер) или гимназија, и на тој начин да се насочите, што сакате да учите, а потоа и полесно да изберете факултет, идно работно место, и да бидете поконкурентни на пазарот на трудот, рече Богоев.

 

Тој, низ разговор со младите, зборуваше и за иницијативата за ресетирање на Младинскиот совет во Карпош. Имено, во ова младинско тело, Законот за младинско учество и младински политики предвидува вклученост и на училишните заедници.

На денешниот настан се обрати и претседателката на Асоцијацијата на советници за развој на кариера, Ивана Дојчиновска – Стојановиќ. Таа истакна дека Општина Карпош е првата локална самоуправа во која се имплементира ова кариерно насочување на учениците и нивната намера е да бидат опфатени што е можно поголем број  ученици.