НАГРАДЕНИ ПРВЕНЦИТЕ НА ГЕНЕРАЦИЈА ОД КАРПОШ
- јуни 19, 2020
- 0
Со финансиска поддршка од 10.000 денари, локалната самоуправа ги награди најдобрите ученици – првенци на генерација од основните училишта во Карпош.
Станува збор за основците кои во текот на целата учебна година покажале континуиран одличен успех, но учествувале и на натпревари, оствариле вонучилишни активности и сл.
Годинава, речиси цело второ полугодие се спроведуваше е – настава, во која учениците активно учествуваа и докажаа дека нема пречка која може да застане на патот на знаењето.
Денеска, најдобрите ученици добија и пофалници од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој им честиташе за успехот и им посака убав распуст.
- Се надевам дека за 10 години од денес, ќе бидете уште поуспешни млади луѓе. Верувајте во себе и работете на постојано надградување. На општината, на земјата и требаат квалитетни млади луѓе, кои тука ќе растат, ќе вложуваат. Изминатиов период заминаа многу млади од нашата држава. Вие сте капиталот, највредното нешто на Македонија и затоа сите треба да се бориме за да обезбедиме подобра сегашност и иднина за вас, најмладите, рече Богоев.
Градоначалникот разговараше со првенците и за следната етапа од нивниот живот – средното образование. Најголем дел од учениците ќе продолжат со гимназиско образование во средните училишта во Карпош.
Локалната самоуправа на сите ученици и наставници им посакува среќен распуст и убаво лето.