Во посета на Општина Карпош денеска беше министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска со цел да се направи увид во градежните работи на четирите нови занимални во градинката Орце Николов и да се посети локалната самоуправа.

При посетата на градинката констатирано беше дека од посебен интерес за граѓаните на Карпош е изградбата на овие четири занимални во кои ќе се сместат околу стотина деца од предучилишна возраст. Заложбата и на министерката и на градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски до изведувачот „Пирамид Билдинг Солушнс дооел Скопје“ беше да ги забрза работите за да може што побрзо најмладите од Карпош да бидат вклучени во системот за детска заштита.

  • Станува збор за нов објект кој ќе биде поврзан со градинката „Орце Николов“ преку т.н „топла врска“. Со доградбата на градинката обезбедуваме зголемување на опфатот за деца за дополнителни 100 места, за деца на возраст од пет до шест години. На овој начин, градинката добива капацитет за вкупно 280 деца од предучилишно образование – истакна Тренчевска.

 

Предвидените градежни активности треба да бидат завршени до крајот на август годинава, со што ќе биде овозможен влез на нови дечиња. Вредноста на инвестицијата за нејзина доградба изнесува 23.000.000 денари.

 

  • Морам да напоменам дека оваа градинка е најзначајниот објект во општина Карпош, бидејќи воедно е и најстарата предучилишна установа во нашата држава. Со ова проширување, ние значително ги зголемуваме капацитетите за згрижување на децата од предучилишна возраст, со оглед на тоа што ќе добиеме четири нови занимални и уреден простор со нов мебел и современи дидактички материјали. Ова е особено важно имајќи го предвид фактот, дека досега во моментов 306 најмлади жители на Карпош чекаат за влез во системот на детска заштита – посочи Јакимовски.

Потоа министерката Тренчевска имаше тет а тет средба со градоначалникот Јакимовски на која разговараа за проблемите во системот за детска заштита особено со кадровскиот недостаток на негувателки, воспитувачи и технички персонал во градинките кој постои на територија на општина Карпош. Заеднички беше заклучено дека заминатите и пензионираните вработени по разни основи треба да бидат заменети со нов кадар за што министерството за труд и социјална политика ќе се заложи во министерството за финансии да се обезбедат финансиски средства за замена на пензионираните, починатите и заминатите негувателки, воспитувачки и друг персонал.

На средбата стана збор и за домот за стари лица кој што општина Карпош веќе има обезбедено локација на булевар Илинденска, за кој веќе изразуваат заинтересираност и пензионерските здруженија да учествуваат во изградбата, но градоначалникот побара помош и од ресорното министерство затоа што Карпош е веќе општина со 63 .000 жители и има голема потреба од сместување барем на стотина најстари жители во општината во еден ваков социјален објект кој ќе има и други пропратни содржини важни за пензионерите во општината.

Беше договорено за оваа цел да се изготви проект и да продолжат контактите за евентуално да биде предвидено изградба на ваков објект со буџетот на локалната самоуправа и на министерството за труд во 2023 година.