Неговата Екселенција, амбасадорот Савада Хиронори, во рамки на пригодната свеченост која деновиве се одржа во амбасадата на Јапонија, и го врачи признанието на деветоодделенката Стефани Исајловска од „Лазо Трповски“, освоено на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2020 во Токио, Јапонија.

 

Основката од Карпош, на овој реномиран натпревар учествуваше под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски, со своја прозна лична творба напишана на англиски јазик во форма на есеј на зададената тема од организаторот „Моето писмо од 2030 година“. Личната творба не смееше да содржи повеќе од 800 збора и мораше да биде напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето, (германски или англиски јазик).

 

Традиционалниот натпревар се одржува секоја година и е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија – Хагиуда Коиши. Годинава, на натпреварот учествуваа 33. 632 учесници од 166 земји.

            ООУ „Лазо Трповски“ на овој литературен натпревар со светско реноме учествува по шести пат и досега има освоено две награди.

 

Повеќе информации во врска со натпреварот и наградените млади автори може да најдете на веб-страната на организаторите www.goipeace.or.jp