МЕЃУНАРОДНО ЗЛАТО ЗА КАРПОШОВИОТ ПИЈАНИСТ
- април 28, 2016
- 0
Младиот пијано виртуоз Михаил Димовски, го освои првото место и златниот медал на XI Меѓународен натпревар за млади изведувачи на класична музика, кој се одржа минатиот викенд, во дворецот на културата во Перник – Р. Бугарија.
Во рамки на оваа културна манифестација, покрај првото место, Димовски ја освои и специјалната награда за солист на камерниот оркестар „Орфеј“.
Инаку, седмоодделенецот Михаил Димовски е ученик во ООУ „Лазо Трповски“ – општина Карпош и веќе шест години ги усовршува техниките за свирење клавир, во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Под менторство на проф. Јасна Аврамовска – Костенарова, младиот генијалец Михаил, има забележано врвни музички резултати, од кои најзабележителни се првото место на натпреварот во Врање во 2013 година, како и освоената прва награда на музичкиот натпревар во Гевгелија, во 2014 и 2015 година. Михаил Димовски нескромно го покажа својот раскошен талент и позитивно ја одбележа и 2015 година. Имено, тој освои неколку први награди и себеси сé промовираше во општински, регионален и државен првак во пијано.