МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ЗА ГРАДЕЊЕ НА КАПАЦИТЕТИ ЗА ДОБИВАЊЕ НОВИ ГРАНТОВИ
- септември 24, 2019
- 0
Зајакнување на капацитетите на лицата кои работат на проектни апликации за добивање грантови, нивно вмрежување и размена на искуства, беше една од темите на денешната работна средба меѓу градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претставници од Градот Тиват, Црна Гора.
Двете локални самоуправи имаат континуирана соработка долги години, а традиционалната ликовна колонија во Карпош, на која учествуваат и ученици од Тиват, е причина во посета на Карпош да доаѓаат и претставници од оваа црногорска општина.
На средбата особено се разговараше за можноста да се пренесат повеќе искуства меѓу тимовите на луѓе кои работат на добивање грантови – неповратни средства, особено во делот на заштита на животната средина и енергетската ефикасност.
– Карпош е во тешка финансиска состојба, но наместо да бараме оправдувања користиме голем број на фондови, грантови од меѓународни финансиски институции и организации за реализација на голем број проекти, како што е: Спортско – Адреналинскиот парк, новата градинка во Бардовци, промената на системот на греење на градинката „Пролет“ и училиштето „Аврам Писевски“ и слично. Со сите сили сме насочени кон аплицирање за добивање ваков вид на средства. Имаме тим од млади луѓе кои ревносно и вредно работат на оваа проблематика, но секогаш постои можност за напредок, рече Богоев.
Претставниците од Тиват се осврнаа на актуелните случувања во нивната Општина, оценувајќи ја туристичката сезона како успешна. Се осврнаа и на големиот економски напредок на Тиват во изминатава декада, значајниот број на инвестиции и потребата од квалитетен угостителски кадар за работа во хотелските капацитети.
Присутните се обврзаа на зголемена соработка и во сферата на културата, спортот и туризмот.
На средбата, од Општина Карпош присуствуваше и раководителот на Секторот за поддршка на градоначалник, Душко Бушаровски, помошник раководителката на Секторот за јавни дејности, Гордана Зафировска, консултантатот за економски прашања и туризам при Амбасадата на Црна Гора во Скопје, Татјана Перовиќ Митрова, како и претставниците од Градот Тиват: Дејан Масловар, потпретседател на Општината, Марија Сијерковиќ, задолжена за администрација, Блаженка Пајовиќ, шеф на Кабинет, Дубравка Никчевиќ, Секретаријат за култура и општествени дејности и Јовица Стојковиќ, дирекот на Управата за инспекциски работи.