МЕЃУНАРОДЕН КОЊИЧКИ ТУРНИР ВО КАРПОШ
- октомври 9, 2016
- 0
Во организација на коњичкиот клуб ,, Анималс“, на стадионот на ФК ,, Локомотива“, на територија на Општина Карпош се одржа првиот Меѓународен турнир за прескокнување на пречки под покровителство на локалната власт.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, официјално го прогласи натпреварот за отворен, со обраќање пред присутните граѓани.
– Ми претставува особена чест и задоволство, што токму во нашата Општина се одржува овој меѓународен турнир. Ние како локална самоуправа финансиски го помогнавме коњичкиот клуб ,, Анималс“, се со цел и овој благороден спорт да се популаризира. Општина Карпош секогаш финансиски и логистички го помагала спортот, и нашата намера е, најмалите карпошани освен во популарните спортови, како што се фудбалот, кошарката, ракометот и други, да покажат заинтересираност токму и за овој вид на спорт, нагласи првиот човек на Карпош Стевчо Јакимовски.
Пред големиот број граѓани и вљубеници во коњичките скокови, кои уживаа во октомвриското сонце проследувајќи го турнирот, со свои грла учествуваа и коњички клубови од соседните Бугарија и Србија при што прикажаа голема вештина и подготвеност за ваков натпревар. Овој вид на турнир, како што напомена градоначалникот Јакимовски, за прв пат се одржа во градска, т.е. урбана средина.