Јакимовски и Арсовска разговараа за заеднички инфраструктурни проекти и координирано решавање на проблемите
- март 16, 2022
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска имаа работна средба заедно со претставниците на урбаните заедници од Карпош, раководителите на секторите и одделенијата од општинската администрација, како и претставниците на осумте јавни претпријатија кои функционираат во рамки на Град Скопје.
На средбата беа нотирани заедничките проблеми за кои се надлежни Општина Карпош и Град Скопје, за да можат двете институции коoрдинирано да дејствуваат и да функционираат организирано во интерес на граѓаните од оваа локална самоуправа. Исто така беше разговарано и за заеднички инфраструктурни проекти како што се паркови, кејот на реката Вардар, атмосферски и фекални канализации и изградба на улици во надлежност на Град Скопје.
На средбата е договорено, овој тип на работни состаноци да се одржува на месечно ниво, при што ќе се ажурира напредокот на преземените активности и ќе се утврди актуелната состојба и потребата од дополнителни мерки кои треба да се реализираат. На овој начин, двете институции ќе делуваат проактивно чиј ангажман треба да резултира со изработка на конкретни акциски програми.
Во таа насока, раководителите на одделенијата и секторите од Општина Карпош и претставниците на урбаните заедници од локалната самоуправа го презентираа збирниот извештај, во кој ги посочија проблемите со кои се соочуваат карпошани. Притоа, претставниците на јавните претпријатија на Град Скопје ги евидентираа забелешките и предлозите, за кои треба да изнајдат соодветно решение.
Како најприоритетни проблеми беа споменати, воведувањето на автобуската линија број 28 за транспорт на основците од Горно и Средно Нерези до ООУ „Братство“ и ставање во функција на линијата број 29 за жителите на Трнодол и Жданец до Скопје Сити Мол.
До ЈП „Паркови и зеленило“ беше адресирана потребата од кастрење и сечење на сувите дрвја кои претставуваат потенцијална опасност по безбедноста на граѓаните. Општинските служби ќе достават список до ЈП „Водовод и канализација“ со точните локации каде што треба да се чистат сливниците и да се санираат уличните шахти.
До ЈП „Комунална хигиена“ ќе биде доставено барање за поставување на подземни контејнери, каде што реално постои услов за нивно монтирање, а исто така беше побарана асистенција од јавното претпријатие за расчистување на поголемите диви депонии.
За подобра соработка, Општина Карпош посочи дека може да ги ангажира своите служби за собирање на кабастиот отпад, како и на електричниот и елекронски отпад, при што побара дозвола истиот да може да го одложи во пунктот на „Комунална хигиена“ кој се наоѓа во населбата Карпош 3. Локалната самоуправа побара поддршка од ЈП „Улици и патишта“ за санирање на делови од оштетениот коловоз, како и за поставување на семафори и сообраќајна сигнализација на неколку критични точки низ Карпош.