Отворен е нов пензионерски клуб во Нерези, со што, пензионерите од овој дел на Карпош добија нови простории за социјализација и дружба.

Денеска, повозрасните сограѓани ги посети градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, како и ученици од општинското основно училиште „Братство“, со цел да се поттикне меѓугенерациска дружба. Во овој простор ќе се организираат разни работилници и средби, а денеска членовите на пензионерскиот клуб и учениците заедно изработуваа слики и честитки од хартија.

 

  • Ова е повод и место каде што вие, повозрасните, ќе можете да им споделувате важни животни, работни искуства на најмладите, а они да ви покажат што знаат и умеат, затоашто секој ден учиме нови работи, а Карпош е дом за сите генерации, им порача градоначалникот Богоев.

 

Во изминатиов период се докажа дека и Општината, но и државата, водат сериозна грижа за пензионерите. Имено, со јануарската исплата, пензиите на пензионерите беа зголемени за 722  денари, а за само две и пол години пензијата беше зголемена за 1.746 денари.

Исто така, Општината ја овозможи и картичката за попусти и бенефиции „Мој Карпош“, со која граѓаните купуваат по пониски цени во голем број бизниси (здравствени ординации, аптеки, кафулиња, културни и спортски установи и  слично).

 

За краток период, ќе започне и проектот „Хумани патроли“, кои подразбира поддршка и домашни посети на изнемоштените лица, соодветна лекарска нега, здравствена заштита и завршување на дневните потреби на овие сограѓани. На повик на Министерството за труд и социјална политика, Карпош веќе аплицираше за грант средства за спроведување на овој проект..

 

Богоев во оваа пригода се осврна и на актуелните проекти, како што е враќањето на „Партизан“ во владение на Општината, објект кој е во колективната меморија на највозрасните, но и новиот парк од 60.000 м2 долж бул. „Илинден“, кој ќе претставува место за рекреација и спорт за сите граѓани.

 

 

 

На денешниот настан, ученици од „Братство“ на пензионерите им читаа и свои литературни творби. Овој тип на меѓугенерациски средби во пензионерските клубови ќе продолжи и во претстојниот период. Наскоро ќе се отвори пензионерски клуб и во населеното место Бардовци.