МАРИН ДОКУЗОВСКИ Е ЗАСЛУЖЕН ГРАЃАНИН НА ОПШТИНА КАРПОШ
- ноември 2, 2018
- 0
Пред самиот почеток на денешното финале од училишниот кошаркарски Куп на Карпош, во преполната сала на С.Ц „Борис Трајковски“, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, свечено му ја врачи плакетата за заслужен граѓанин, на познатиот македонски кошаркарски стратег, Марин Докузовски. Во оваа пригода, Богоев му упати срдечни честитки на Докузовски, со искрени желби за уште многу успеси во животот и во професионалната кариера. Овогодинешното признание за заслужен граѓанин на Општина Карпош, Докузовски го доби во пресрет на 42. роденден на Општината (3. ноември).
ООУ „Јан Амос Коменски“ го освои кошаркарскиот училишен Куп – Карпош 2018
По свечениот вовед, кошаркарите на ООУ „Владо Тасевски“ и ООУ „Јан Амос Коменски“, дополнително мотивирани од присуството на кошаркарскиот ас, Марин Докузовски, прикажаа одличен меч достоен за едно големо финале. Се чини, екипата на „Коменски“, од самиот почеток наметна динамично темпо на игра, со одлична одбрана и доминација под обрачите. Тимот од Тафталиџе континуирано го одржуваше водството и со брза трансформација во нападот не му дозволи на својот ривал да направи изненадување.
Екипата на „Владо Тасевски“ со постигнување на две тројки по ред во последната четвртина, имаше шанса да внесе неизвесна завршница на натпреварот, доближувајќи се на само четири поени негатива. Но набргу, кошаркарите од „Коменски“ ја засилија одбраната и го завршија мечот во своја полза со резултат 47:41, промовирајќи се во овогодинешни освојувачи на училишниот кошаркарски Куп на Карпош.
Претседателот на Советот на Општина Карпош, Андреј Манолев, им честиташе на финалистите за одличната игра, по што го додели победничкиот пехар на освојувачите на кошаркарскиот Куп и дипломите на учесниците во кошаркарското финале.