На денешната 73. седница на Советот на Општина Карпош, советниците од сите политички партии едногласно ја прифатија Предлог-Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, преку кој карпошани ќе се  изјаснат во врска со населувањето и локалната интеграција на мигранти, на територија на Општина Карпош. Референдумот на локално ниво ќе го спроведе Општинската изборна комисија Карпош и општинските избирачки одбори.

 
Мнозинството советници одлучија дека не постојат услови за спроведување на Одлуката на Министерството за труд и социјална политика, која предвидува воведување на двосменско работење во градинките. Оттука, градинките во Карпош ќе продолжат да работат како и досега, до 18.00 часот. По оваа точка се произнесе градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој посочи дека се работи за добра идеја, но сепак, Одлука за двосменско работење  треба да претрпи суштински измени. Според него, за да профункционира Одлуката во целина, треба да им се овозможи на градинките да вработат дополнителен стручен и технички кадар, а општините ќе треба да обезбедат поголеми финансиски средства за да ги покријат дополнителните трошоци за струја, вода, греење и сл.
 
Советниците го прифатија и Предлог-Решението со кое се утврдува престанок на мандатот на советникот Иван Спировски, откако на 4 август годинава беше именуван за медицински директор во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје.