ЛИКОВНА ИНСПИРАЦИЈА НА ПАДИНИТЕ НА ВОДНО
- септември 16, 2016
- 0
Започна десеттата по ред Меѓународна детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон“ во Општина Карпош, која заедно со Детскиот ликовен центар се организатори на оваа традиционална манифестација.
Овој пат, учениците од десетте основни училишта заедно со своите врсници од збратимени општини, ја пренесоа на платно својата инспирација од преубавиот комплекс „Македонско село“ пренесувајќи детали од околните историски и традиционални куќи. Помошник раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес, Гордана Стојчевска Зафировска ја поздрави оваа долгогодишна манифестација која е плод на пријателство и одлична соработка со збратимените општини во делот на културата и уметноста.
–Оваа година, мотивите на учениците од нашите десет основни училишта и гостите од збратимените општини се црпат од неодамна отворениот објект, таканареченото „Македонско село“. Децата од збратимените општини, со задоволство ја прифаќаат оваа наша манифестација и се дружат и сликаат, разменуваат искуства и го унапредуваат своето знаење во областа на ликовната уметност – рече Зафировска.
Ликовниот педагог во Детскиот ликовен центар, професорот Харалампие Манчев истакна дека од година во година, учеството на оваа манифестација е се поголемо, а квалитетот во поглед на ликовните творби на младите во сите техники, е се подобар.
На овогодинешната ликовна колонија, учествуваат 30 ученици, заедно со нивните ментори од основните училишта на територија на Општина Карпош и ученици од збратимените општини и тоа: Општина Триадица-Софија, Општина Тиват-Црна Гора, Општина Травник-Босна и Херцеговина и од Општина Нови Београд-Србија. Манифестацијата ќе трае до утре (сабота, 17.09.2016 година), кога ликовните дела ќе бидат изложени во просториите на Детскиот ликовен центар во Општина Карпош и на учесниците ќе им бидат доделени благодарници како награда за нивното учество на десеттата детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон“.