Ученици од  ООУ ,,Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училишен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2016, кој оваа година се одржа во Берлин, Сојузна Република Германија.

Овој заеднички проект е изготвен од четириесет ученици, кои учат во 3а, 4а и 4б одделение во ова училиште. Проектот ,,Патуваме во вселената“ беше координиран од наставничкиот тим, составен од шест наставници – ментори: Оливера Маџиоска, Александра Неделковска- Петровска, Розета Сугарева, Јагода Ололовска, Олгица Каскаревска и Стефан Симовски.  Проект-решението на учениците од ова училиште кое се наоѓа на територијата на Општина Карпош, беше избрано во првите десет најдобри проекти во оваа област. Основците за својот пласман, освен соодветни дипломи, добија како награда и  трофеј, т.е автентичен модел на патнички авион Ербас Белуга, во размер 1:200.

 

Овој меѓународен натпревар  е организиран од страна на Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, во соработка со сојузните министерства за економија и енергија, како и за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС. Во името на деветчленото жири, кое го оцени овој проект на учениците од Лазо Трповски како еден од десетте најуспешни, се обрати раководителот на натпреварот Тим. Е. Бранд кој меѓу другото истакна:

 

–                    Наградени сте затоа што вашиот проект е фантастичен, затоа што се забавувавте додека го работевте, и затоа што сте одлични тимски играчи. Вашата награда е „летечки трофеј“ за целото одделение, и ова  е диплома за секој од Вас. Се надевам дека учеството на натпревари, ви  беше толку забавно, како што му беше и на стручното жири, кога го оценуваше вашиот проект, истакна Бранд.

Ова училиште од Карпош, традиционално учествува на меѓународни натпревари, на кои  бележи  успеси, поради што  Општина Карпош се вбројува меѓу првите локални самоуправи во Република Македонија  по освоени награди и успеси  на ученици во основното образование.