КУРС ПО ПРВА ПОМОШ ЗА СЛУЖБИТЕ ВО КАРПОШ
- август 30, 2019
- 0
Курс по прва помош и унапредување на знаењата во оваа сфера добија вработени лица во Општина Карпош – возачи, како и службеници кои секојдневно извршуваат теренски активности.
Курсот беше во организација на Општинската организација на Црвен крст – Карпош, во рамки на кампањата „Твоето незнаење чини живот“.
Учесниците на курсот можеа да добијат повеќе информации за начинот на санирање на повреда на само место, преврзување, стопирање на одредени видови крварење и слично, а обуката беше спроведена од Др.Ѓуро Кленкоски – едуциран предавач и Димче Милановски – едуциран демонстратор по прва помош од Црвениот крст.
Обуката беше наменета и спроведена за вработени кои се поприсутни на терен и се во директен контакт со граѓаните, со цел, по потреба, да излезат во пресрет и да помогнат.
Во обуката се приклучи и градоначалникот Стефан Богоев кој посочи дека локалната самоуправа сите ја гледаат како „најистурена“ власт на терен, и затоа се преземаат активности за зајакнување на капацитетите во сите области.
– Во изминатиов период, како Општина организиравме и работилници за заштита на работното место, едукации за гасење на пожар, засолнување и сл.
Овие обуки, работилници се значајни затоа што секој од нас може да се најде во различна животна ситуација, дали на работното место, дома, во слободно време, рече Богоев.
Општина Карпош ќе продолжи да ја унапредува соработка со Црвениот крст, на локално ниво, преку организирање на различни кроводарителски акции, хуманитарни активности, обуки и др.