Сакајќи да ја продлабочи и конкретизира соработката со збратимените општини, на 14 февруари 2017, советникот во Советот на општина Карпош и координатор на Креативниот центар Карпош проф. д-р Зоран Т. Поповски беше во посета на збратимената општина Нов Белград – Србија.

Ова е втора посета на професорот Поповски на оваа општина по посетата организирана во октомври 2015 година кога пред домаќините беше презентирана идејата за формирање на Креативниот центар Карпош. Овој пат, претставниците на општина Нов Белград беа запознаени со реализираните активности на Креативниот центар Карпош од неговото отворање во ноември 2016 година, преку организацијата на работилниците: „ Приказни за водата“, „Спектакуларна наука“, „Произведуваме и контролираме храна„ и „Кинестетичка училница“,  како и до опремувањето со потребните нагледни средства и едукативен материјал за вежби и експерименти за работа во одделните единици во рамки на КЦК.

Од страна на г-ѓа Александра Чамагиќ, задолжена за образование во општина Нов Белград беше искажана благодарност за овие идеи врз основа на кои во оваа општина веќе се основани спортско-едукативни центри во неколку училишта на територија на оваа општина.

 

Потоа беше организирана посета на Новобелградскиот клуб кој е во рамки на општината Нов Белград, а во кој членуваат преку 45.000 жители од Нов Белград. Овој клуб нуди бесплатни курсеви за јога, странски јазици и информатика, бесплатно користење на базенот со кој располага Општината и бројни попусти за своите членови во трговски, производствени и услужни компании, здравствени установи и други организации кои се партнери на Новобелградскиот клуб. Советникот Поповски најави дека по завршување на изградбата на новата зграда на општина Карпош, ќе се размислува за сличен концепт на услуги и кон граѓаните на нашата општина.