КООРДИНИРАНА АКЦИЈА ЗА ПРОЛЕТНО ЧИСТЕЊЕ НА КАРПОШ
- март 26, 2022
- 0
Јавните претпријатија од Град Скопје во соработка со комуналните служби од Општина Карпош, од понеделник (28.03.2022) ќе спроведат петдневна акција за пролетно чистење на локалната самоуправа. Во таа насока, ЈП „Комунална хигиена“ ќе постави големи контејнери за собирање на кабаст отпад на следните локации:
1. Тафталиџе 2, на улица „Женевска“ (во близина на автобуската постојка на последна 24-ка);
2. Козле, на улица „Јуриј Гагарин“, (кај ресторанот „Македонска куќа“);
3. Долно Нерези, на улица „Ванчо Мицков“ и
4. Влае 2, на улица „Војвода Васил Чакаларов“, (позади Порта Влае, кај контејнерите на ЈПКХС, во близина на автобуската постојка).
Освен тоа, на овие четири локации ќе се метат и мијат улиците, како и контејнерите во таа околина вклучувајќи ги и нивните таканаречени „џебови“, а исто така ќе се читат и автобуските постојки. Екипата на ЈП „Паркови и зеленило“ ќе ги сече гранките и сувите дрвја кои претставуваат потенцијална опасност, врз основа на решенијата на Град Скопје, а покрај тоа ќе се собираат лисја, ќе се кројат неуредните грмушки и слично. Оваа активност ќе се одвива долж булеварите „8 Септември“, „Илинден“, „Партизански одреди“ и по улиците „Никола Парапунов“ и Јуриј Гагарин“.
Со истата динамика, ЈП „Водовод и канализација“ ќе ги чисти сливниците и ќе ја прочистува атмосферската и фекалната канализација, со конкретен термин на следниве локации:
– (28.03.2022) улица „Рузвелтова“
– (29.03.2022) улица „Московска“
– (30.03.2022) булевар „8 Септември“
– (31.03.2022) булевар „Партизански одреди“
– (01.04.2022) улица „Козле“
ЈП „Улици и патишта“ зависно од потребите и можностите, ќе ги крпи дупките на оштетениот коловоз, ќе врши обновување и санирање на вертикалната сигнализација, ќе ја обележува хоризонталната сигнализација и автобуските постојки, ќе распоредува бекатон плочки по тротоарите, ќе ги нивелира шахтите, а исто така ќе поставува „успорувачи на сообраќајот“ во соработка, односно по налог на сообраќајната полиција.Овие активности, ЈП „Улици и патишта“ ќе ги реализира според конкретниот термин на следниве локации:
– (28.03.2022) кај мостот „Обединети нации“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“
– (29.03.2022) кај булеварот „8 Септември“
– (30.03.2022) кај булеварот „Партизански одреди“
– (31.03.2022) кај улица „Лондонска“ и
– (01.04.2022) кај булеварот „Илинден“
Од јавните претпријатија истакнуваат дека се опфатени само оние градски улици, за кои сметаат дека во моментот можат стручните служби да одговорат на потребите. Оттаму додаваат дека во соработка со општинските служби може да дојде и до промена на овој список, кој ќе се констатира во рамки на евентуална заедничка средба.