Карпошани вчеравечер беа дел од прекрасниот амбиент исполнет со чудесните звуци на класичната музика, интерпретирани од Здружението на музички педагози „Полихимниа“. Во рамките на третата вечер од манифестацијата “Културно лето Карпош – 2017“,   камерниот состав го отвори концертот со изведба на познатото дело од Јохан Пахебел – „Канон во Де“, за потоа, спонтано да ги допре емоциите на присутните, со композицијата „Flower duet“ од операта Лакме, од Делибес.

Веднаш потоа, следуваа фантастичниот Гарланд валцер од балетот „Заспаната убавица“ од Чајковски и делото „Прелудиум“ од уникатниот руски композитор и пијанист Дмитри Шостакович.

 

„ЗМП Полихимниа“ е состав во кој заедно музицираат професорите и учениците. Нив ги поврзува чувствителна енергија која ја манифестираат преку суптилните звуци на виолината, виолончелото, флејтата и пијаното. Префинетите музичари, во вториот блог на сцената свиреа композиции од познатите светски композитори Моцарт и Шуберт, а на репертоарот одлично помина и „Sonata di camera“ од италијанскиот виолинист и композитор од 17 век – Арканџело Корели.

Карпошовата ноќ на класична музика, ја заокружија обработките на „Cinema Paradiso“ од Енио Мориконе, „Moon river“ од Хенри Манчини, а на самиот крај публиката „потона“ во нежната изведба на познатата филмска нумера „Pour una cabeza“ од Карлос Гардел.