Детската заштита, создавање на подобри услови во предучилишното образование,  споделување на практики и унапредување на положбата на младите во заедницата, се главни теми на дводневната конференција на градоначалници, која се одржува во Атина, Грција, во организација на УНИЦЕФ.

Како резултат на направената работа и лидерство на полето на детска заштита, а на покана на УНИЦЕФ, на конференцијата присуствува градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, како и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Настанот започна со обраќање на градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис, во салата на Градот Атина. Бакојанис ги поздрави големиот број на учесници од Европа, градоначалници, претставници од УНИЦЕФ. и граѓанскиот сектор, носителите на јавни функции и другите чинители кои имаат важна улога во креирањето на сеопфатно и инклузивно предучилишно образование.

 

Градоначалникот Богоев ќе ги сподели искуствата од Карпош, при што ќе се осврне на зголемувањето на капацитетите во градинките (новите современи објекти на градинки во Бардовци и Тафталиџе 2), воведувањето на здраво мени за исхрана, како и играчки, дидактички материјали кои имаат за цел уште во раното детство да ги развиваат когнитивните вештини кај најмладите.

Денеска, ќе се зборува и за Конвенцијата за правата на детето, со што се одбележуваат 30 години од нејзиното донесување, како и за креирање на градови, заедници кои се функционални за децата и младите.

 

Имајќи предвид дека Македонија, но и голем број на други земји од регионот и Европа, се соочени со сериозна миграција на младите, ќе се дискутира и за тоа како градовите да станат атрактивни за младите, потребата и начини на финасирање на локални услуги за деца и семејства, развивање на инклузивно предучилишно образование и воведување на процес на рано учење.

 

 

На вториот ден од Конференцијата ќе се споделат практики и за зголемување на младинското учество на локално ниво. На оваа тема, Општина Карпош предвидува рестартирање на Младинскиот совет, кој ќе се формира по донесувањето на новиот Закон за младинско учество, кој е во собраниска процедура. Сепак, Општината и тековно ги мотивира младите, со финансиска поддршка на проекти на младински организации и стипендии за талентирани ученици и спортисти.