КВАЛИТЕТНА И БЕЗБЕДНА НАСТАВА ВО КАРПОШ
- септември 17, 2021
- 0
Воспитно – образовниот процес во Карпош се одвива без поголеми и препреки. Учениците, наставниците и родителите се придржуваат до предвидените протоколи за заштита од КОВИД – 19. Исто така, училиштата обезбедуваат квалитетна и инклузивна настава за сите ученици.
Денеска во увид на наставниот процес, во ООУ „Димо Хаџи – Димов“ во Влае 2 беа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Тие направија обиколка и на сензорната соба за ученици со попреченост, еко – училницата за настава на отворено и кабинетот по Хемија, кој е опремен со нови помошни средства. Беа во увид и на наставниот процес во прво и четврто одделение.
- Инклузивниот пристап го гледаме преку сензорните соби, за полесна настава на учениците со попреченост, кои во изминативе години ги отворивме речиси во секое училиште. Во време на пандемија не застанавме да ги унапредуваме условите. Па, така во сите образовни установи направивме и еко – училници за настава на отворено. Тие се одраз на соработката меѓу општината, учениците, наставниот кадар и родителите, каде што децата ги реупотребија материјалите и создадоа корисен простор за нивните потреби, рече Богоев.
Градоначалникот се осврна и на стипендиите за талентирани ученици и ученици – спортисти, кои општината ги има предвидено во Буџетот, но јавниот повик ќе биде објавен по завршување на изборниот процес.
Министерката Царовска напомена дека родителите/старателите не треба да се сомневаат дека со промените во наставата, ќе се постигне подобар ефект во знаењето на учениците. Промените се согласно препораките на УНИЦЕФ, ОЕЦД и Светска банка, а во консултација со сите чинители вклучени во образовниот процес.
- Со опремувањето на кабинетите по природни науки, ќе придонесеме нашите младите да бидат подготвени за следниот степен на образование и да имаат подобри резултати, истакна министерката.
Директорката на училиштето „Димо Хаџи Димов“, Весна Кочовска изрази благодарност до сите ученици, наставници и административно – технички кадар кои се придржуваат до протоколите и ги следат насоките за безбедна учебна година.