КАРПОШ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА ЈАВЕН КОНКУРС ЗА НАБАВКА НА ВЕНДИНГ МАШИНИ ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ПЛАСТИКА И ЛИМЕНКИ
- август 27, 2026
- 0
Советот на Општина Карпош денеска заседаваше по 17-ти пат при што советниците расправаа и полноважно одлучуваа по 26 точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока беше поддржана Предлог – Одлуката според која локалната самоуправа доби согласност од Советот, да аплицира на Јавниот конкурс за проекти. Имено, Општина Карпош преку Центарот за развој на Скопски плански регион ќе учествува на конкурсот кој го распиша Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а истиот се однесува за набавка на вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки.
Доколку биде позитивно разгледана апликацијата, Општината ќе набави машини за рециклирање кои ќе ги лоцира во пет поголеми основни училишта на своја територија, кои работат во две смени. Според договореното, Пакомак ќе ги одржува и сервисира машините, а исто така ќе го презема отпадот и ќе врши едукација на учениците за правилна селекција и рециклирање на отпадот. Целосната вредност на проектот изнесува 6.712.725 денари со ддв. Општина Карпош би го кофинансирала проектот со 1.200.000 денари, а МЖСПП треба да ги обезбеди останатите средства во висина од 5.512.725 денари.
Поддршка од Советот доби и Одлуката за прифаќање на донација од фирмата Лапласт – М ДООЕЛ од Скопје. Станува збор за донација за опремување на детско игралиште со соодветни реквизити. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 428.000 денари. Со истата динамика, советниците ја изгласаа Одлуката за прифаќање на донација од Здружението на граѓани за унапредувањена екстремните спортови ,,ЕКСТРИМ СПОРТС СКОПЈЕ“. Во случајов, донацијата ќе биде наменета за демонтирање на руинираните дрвени елементи и ревитализација на скејт – паркот во Општина Карпош, со долготрајни елементи од полиран бетон. Вкупната вредност на оваа донацијата изнесува 74.000 денари.
Во рамки на денешната седница беше прифатена и разгледувана дополнителна точка која се најде на дневениот ред. Поточно, советниците ја изгласаа Одлуката за доделување на еднократен паричен надоместок за вработените во општинската администрација на Општина Карпош, за нивниот ангажман во теренското расчистување и отстранувањето на последиците предизвикани од невремето, што се случи на 21 јули 2026 година, на територија на локалната самоуправа.
Мнозинството советници ја изгласаа Одлуката за давање на согласност за користење на името „КАРПОШ“, во постапка за основање на правен субјект. Станува збор за називот на фирмата за сервис, ремонт и монтажа на лифтови, ДАКА КАРПОШ МСС ДОО Скопје.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Решението за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2027 година, во Општина Карпош. Изгласано беше и Предлог – Решението за изменување и дополнување на Решението за именување на член во училишниот одбор на општинското основно училиште „Петар Поп Арсов“. Советниците обезбедија потребно мнозинство и за Предлог – Решението, за давање согласност на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места, во детската градинка „Мајски Цвет“.
Усвоени беа Годишните Извештаи за работата на сите општински детски градинки на територија на Карпош за 2025/2026 година. Оттука беа усвоени и Годишните Програми за работата на детските градинки за 2026/2027 година. Советниците дадоа „зелено светло“ и за Годишните Програми за работата на десетте основни училишта во Карпош за 2026/2027 година.









