Со  усвојување на одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Карпош и Град Скопје за изработка на проектна документација, реализација и одржување на јавни површини, локалната самоуправа ќе добие три нови сквера на нејзината територија. Како што нагласи и градоначалникот Стефан Богоев, станува збор за комплетно урбано, хортикултурно и  реквизитно уредување на новите скверови, со патеки и корпи за  отпадоци. Локациите дополнително ќе бидат утврдени.

Во соработка со Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, три локации во Општина Карпош дополнително ќе се раззеленат и облагородат. Булеварот „8. Септември“, од двете страни на улицата, на аголот помеѓу ул. Љубљанска и ул. „Волгоградска“ во урбаната заедница Карпош 4, како и просторот околу Драмски театар, во Карпош 2, ќе бидат хортикултурно уредени.

На денешната седница на Советот на Општина Карпош, советниците ја  изгласаа  Одлуката за утврдување на реонизација на основните училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа. Исто така се утврди реонизација на јавните установи – општински детски градинки во Карпош.

 

Членовите на Советот дадоа согласност за  формирање на комисија за прием на деца над капацитетот и утврдување на критериумите за прием на деца во четирите детски градинки во Општина Карпош: „Пролет“, „Мајски Цвет“, „ Распеана Младост “,  и „Орце Николов“.