КАРПОШ СПОРТУВА ЗА ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ
- мај 10, 2021
- 0
Преку спортски активности на отворено, ракомет, фудбал и игри прилагодени за стекнување на социјални вештини, основците од општина Карпош заедно со своите наставници по физичко образование го одбележаа 10 мај – Меѓународен ден на физичката активност.
Активностите беа предводени и од сертифицираните тренери по спорт за развој. Имено, општина Карпош е меѓу ретките локални самоуправи со ваков тип на тренери од редот на наставниот кадар, кои се обучени од здружението „ТАКТ“, преку спорт и физичка активност да ги учат младите да бидат подобри граѓани.
Денешниот настан го посети градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев. Впрочем, една од основните цели од програмата на градоначалникот Богоев е да овозможи повеќе јавни простори за спорт и рекреација на младите, но и на сите граѓани.
- Една од малкуте работи кои не ни беа забранети овие две години – беше физичката активност на отворено. Вежбајте, спортувајте! Така вложувате во подобра физичка подготвеност, но и психичко здравје, кое е особено важно, имајќи ги предвид околностите во кои живееме.
Општина Карпош продолжува да инвестира во ваков тип на спортско – рекреативни зони, кои особено се важни за жителите и за враќање на маалскиот дух по населбите, рече Богоев.
Локалната самоуправа ги повикува сите граѓани на одговорно користење на спортските/детски игралишта и маалски паркови. Да водиме сметка за заштита на урбаната опрема и отпадот да го фрламе на обележаните места.