КАРПОШ СО СОПСТВЕНИ, ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕРКИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД КОРОНАВИРУСОТ
- март 11, 2020
- 0
На денешната 37 седница на Советот на Општина Карпош градоначалникот Стефан Богоев ги информираше членовите на Советот за сегашната состојба, но и за сите мерки кои до сега се преземени и тековно самостојно ги презема локалната самоуправа на планот на превенција од ширењето на коронавирусот.
Освен веќе важечките препораки и протоколи кои ги донесе Министерството за здравство, односно Владата на Република Северна Македонија, Богоев ги извести советниците за мерките кои ги презема самата општина при што, веќе од утре, стапува во сила временото укинување на приемните денови во секторите за урбанизам, инспекторат, финансии и даночното одделение, како и во делот за социјала, во состав на Секторот за јавни дејности, сé со цел да се превенира понатамошно, евентуално ширење на вирусот.
Како дополнителен механизам, Богоев ја нагласи теренската кампања која стартува од утре во сите урбани и месни заедници, во рамки на која ќе се истакнат телефонските броеви, мејл адресите и контакт личностите од сите споменати сектори и одделенија со кои ќе може да комуницираат жителите на Карпош. Таа се воведува со цел да не застане целосно работата на локалната власт, туку работите и натаму да може да се вршат, но, со што поголемо избегнување на физички контакт, за да не дојде до целосно блокирање на општинските активности.
-Од, утре, паралелно со оваа кампања, соопшти градоначалникот на Карпош, паралелно ќе се спроведе информативна теренска кампања за сите препораки, насоки и задолженија кои вчера ги изнесе министерот за здравство, а се однесуваат на целата популација, односно сé она што се однесува на секој граѓанин, поточно како секој граѓанин да се заштити себе и да ги заштити оние околу него од опасноста од зараза и пренесување на корона вирусот.
Екипите за дезинфекција, дезинсекција и дератизација од Карпош, од средината до крајот на февруари, ги извршија своите задолжителни активности во сите градинки и училишта на територијата на Општината. Сега тие екипи се во состојба на висока подготвеност да извршат и вонредна дезинфекција во сите школи и градинки и во нивните клонови. Таа ќе се темпира пред повторниот почеток на работа на училиштата и градинките, односно неколку дена пред повторниот старт на наставата.
-Економскиот оператор којшто работи и стопанисува со кујните во основните училишта, ме информираше, рече Богоев, дека досега во два наврати извршил дезинфекција, дератизација и дезинсекција на кујните, и тоа еднаш редовно и еднаш вонредно, пред два дена.
Службите кои се грижат за хигиената во општината добија 100 литри дополнителни количини на дезинфекциони средства и средства за заштита при работа.
Конечно, продолжува и миењето на улиците и јавните површини во две смени, а по потреба ќе се мијат и во трета смена на цела територија на локалната самоуправа. Истовремено, Градот, ги дезинфицира контејнерите за ѓубре и просторот околу нив, како потенцијални места за ширење зарази, ги информираше советниците градоначалникот на Карпош.
Во натамошниот дел од седницата на Советот на Општина Карпош беше одлучено да се формира Комисија за процена и утврдување на висината на штетата од природни непогоди и други несреќи. Всушност, станува збор за утврдување на финансиски надоместок за направената штета од неодамнешното невреме, со кое беше зафатена локалната самоуправа, и од кое настанаа значителни материјални штети. Советниците, ја изгласаа и Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Карпош и Градот Скопје за подготвителни работи, чистење и рамнење на теренот на потегот од булеварот Илинден до пешачкиот мост „ Газела“, односно за предвидениот голем парк на кејот на реката Вардар ( позади хотелот Александар Палас), кој хортикултурно и со урбани реквизити ќе се уреди.
Советниците изгласаа неколку одлуки со кои се одобрија парични средства на „Здружението за граѓани за спортски, едукативни, хуманитарни активности забава и спорт“, за изготвување и реализација на проектот од областа на спортот „ Активности и ориентација во природа“, за „Здружение на психотерапија и едукација АМИГДАЛА“ за изготвување и реализација на проектот од областа на детската, социјалната и здравствената заштита „ Превентивна програма за работа со деца во градинки за надминување на последиците од разводот на родителите “, како и за „Пливачкиот клуб Делфини спорт“ за изготвување и реализација на проектот од областа на Спортот „ Делфините од Карпош пливаат“.