КАРПОШ СЕ ФОКУСИРА КОН ПОДОБРО ОБРАЗОВАНИЕ
- јануари 24, 2021
- 0
Отворањето на сензорни соби по основните училишта, како и обезбедувањето на образовни и лични асистенти за учениците со попреченост, придонесува во креирање на подобро и поинклузивно образование во општина Карпош.
Токму за оваа намена, годинава се предвидени 1.080.000 денари, за паричен месечен надоместок на 40 персонални асистенти. Овие лица, помагаат во процесот на адаптација на децата во училиштата кои за тоа имаат потреба, ги насочуваат во наставата и се директна поддршка за основците и нивните родители.
На Меѓународниот ден на образованието (24. јануари) само се потсетуваме на фактот дека борбата за подобар образовен процес е секојдневна. Еден од приоритетите на општина Карпош е постепено да ги подобрува условите во сите десет основни училишта на нејзина територија. Затоа работиме и на уредување на училишните дворови. Основните училишта „Христијан Тодоровски – Карпош“ и „Петар Поп Арсов“ веќе добиваат уредени дворови, со ново зеленило и системи за наводнување.
Локалната самоуправа дополнително ги поддржува младите со стипендии за талентирани ученици, како и со покривање на дел од трошоците за национални и меѓународни натпреварувања.
На сите ученици, наставници, административно – технички кадар и родители им го честитаме Меѓународниот ден на образованието. Во оваа пригода им се заблагодаруваме за нивниот придонес кон образовниот процес, и за напорот кој го вложуваат во одржување на квалитетот на едукација, во услови на светската пандемија на КОВИД – 19.