КАРПОШ ПОДДРЖУВА ГРАЃАНСКО УЧЕСТВО
- јуни 15, 2021
- 0
Иницијативата за спас и ревитализација на салата „Партизан“, развојот на мобилната апликација „мЗаедница“, мобилните тимови кои ги организиравме со Сојузот на извидници и Црвениот крст, се само дел од неколкуте граѓански иницијативи кои општина Карпош ги поддржа и ги реализираше на локално ниво. Токму за граѓанското учество и поддршката на локални граѓански иницијативи се дебатираше на вчерашната јавна дискусија која се одржа во Кинотеката на РСМ, насловена како: „Граѓански придонес во развојот на општините“, во организација на здружението „Културно ехо“.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев зборуваше за соработката која се негува со граѓанските организации, а и одговараше на прашањата поставени од модераторот на дискусијата.
Богоев истакна дека фокусот треба да се стави на иницијативи на микро ниво. Токму затоа, општината и оваа година ќе организира маалски патроли, во соработка со СВР Скопје, ПС Карпош, родителските совети и урбаните заедници, каде што во вечерните часови ќе се обиколуваат детските игралишта за да се спречи евентуалното девијантно однесување и уништување на урбаната опрема.
Паралелно, Општината вложува и во граѓанското учество преку ресетирањето на локалниот младински совет.
- Оваа недела, ќе го објавиме и јавниот повик за избор на членови на Локалниот младински совет. Целта е да добиеме тело кое ќе креира проекти и активности за млади на локално ниво и ги повикувам сите младински организации, ученици, средношколци, студенти, политички подмладоци, млади до 29 години да се пријават, рече Богоев.
На настанот учествуваше и претставничката од неформалната иницијатива „Не биди ѓубре“, Ирена Ристиќ и претставничката од иницијативата „На точак“, Ана Георгиева. Тие ја истакнаа потребата од уште поголема грижа за заштита на животната средина, активност на институциите, како и креирање на општина, град која ги задоволува потребите на велосипедистите.
Заеднички е заклучокот дека системски промени за поголемо граѓанско учество можат да се обезбедат, само со измени во законските регулативи и тоа во повеќе области.
Богоев го истакна позитивниот пример со формирањето на Партиципативно тело во областа на урбанистичкото планирање, каде преку измени во Законот за урбанистичко планирање, се овозможи уште поголемо учество на граѓаните, стручната фела – архитектите и организациите во процесот на носење на ДУП-ови.
- Истото, треба да се повтори и во други области, за инклузивноста повеќе никогаш да не биде загрозена и да не зависи од политичката волја или промена на раководството во било која институција, посочи градоначалникот Богоев.